Стефан Мирчевски е роден во Битола. Основно и средно образование завршил во Демир Хисар со континуиран одличен успех. Во октомври 2019 година дипломирал на Институтот за математика при ПМФ, УКИМ, Скопје на насоката Математичка економија со одбрана на дипломската работа „Системи за масовно опслужување од типот M/M/n“, под менторство на проф. д-р Ирена Стојковска и се стекнал со стручниот назив дипломиран математичар – инженер по математичка економија. Своите магистерски студии ги продолжил на насоката Математички науки и примени на Институтот за математика при ПМФ, УКИМ, Скопје и истите ги завршил во мај 2023 година со одбрана на магистерската работа „Стохастички модели на залихи со непрекинато следење на нивото на залихи“, под менторство на проф. д-р Ирена Стојковска и се стекнал со научен назив магистер по математички науки и примени. Од ноември 2023 година е студент на докторски студии по Информатика на ФИНКИ, УКИМ, Скопје, под менторство на проф. д-р Верица Бакева Смиљкова. Неговиот научен интерес во истражувањата за докторските студии е насочен кон теоријата на масовно опслужување, со посебен фокус на едноканалните повеќефазни системи со Пуасонов влезен поток на клиентите. Во рамките на неговите истражувања од почетокот на студирањето до сега, има објавено: 1 (еден) труд во меѓународно списание со импакт фактор (IF2023 = 3.5, на SCIE листа), 1 (еден) труд во списание со меѓународен уредувачки одбор, 3 (три) труда во зборници на трудови од меѓународен академски собир со меѓународен уредувачки одбор, 5 (пет) научно-популарни труда во зборници на високообразовна установа, 2 (две) научно-популарни статии во стручно-методско списание, 4 (четири) апстракти на меѓународни конференции. Во фаза на објавување се уште 4 научни труда. Заклучно со 2024 година, Стефан Мирчевски има одржано 18 презентации на домашни и странски семинари, конференции, конгреси и симпозиуми од областа на математиката. Дополнително, има учествувано во организацијата на 7 домашни семинари и конференции за математика, а бил учесник и на 5 работилници за математика и 1 школа за STEM лидери. Од 2017 до 2024 година бил активно вклучен во комисиите за спроведување на натпреварите по математика за основно и средно образование во Сојузот на математичари на Македонија. Во периодот септември 2020 – септември 2023 е ангажиран како демонстратор на Институтот за математика при ПМФ во Скопје, а од септември 2021 до сега е ангажиран како демонстратор и на Катедрата за математика и информатика при Градежниот факултет во Скопје. Од февруари 2024 до сега работи како асистент на Факултетот за информатика при Европскиот Универзитет во Скопје.